И годинава, жешките ноќи во Гевгелија ќе бидат исполнети со богата културно-уметничка програма во рамки на „Гевгелиско културно лето“, којашто ќе се обиде да ги разлади и културно збогати гевгеличани, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија и ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија.
Утре (25 јуни 2024 година), пред платото на Народниот театар- Гевгелија, „Гевгелиско културно лето“ ќе започе со Концерт на мандолинскиот оркестар „Полифонија“, во 20:30 часот. На Концертот, ќе бидат изведени аранжмани на познати вокални и инструментали обработки.
Наредниот ден (26 јуни), следува промоцијата на новата книга „Гевгелисувајне“ од роднокрајниот автор, Стефчо Стефанов. Со помош на модераторот Џоче (stand up комичарот Дејан Малзарков, пред платото на Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:15 часот, гевгеличани ќе бидат водени низ топлодушната Гевгелија преку дијалектните приказни на Стефанов, во организација на Библиотеката „Гоце Делчев“- Гевгелија.
Првата недела од „Гевгелиско културно лето“, на 28 и 29 јуни, ќе заврши со Европско патувачко кино под отвореното гевгелиско небо, пред платото на Народниот театар- Гевгелија. На 28 јуни, ќе бидат проектирани кратиот филн „Кутии“, во режија на Ангела Димеска и „Ефтеркланд: Македониум бенд“, во режија Андреас Јонсен, како и одржи Концерт на беднот „Дактили“ од Струмица. Додека, на 29 јуни, ќе се прикажува „Паднати Лисја“ во режија на Аки Каурисмаки, по што ќе следи разговор со филмските критичари Златко Ѓелески и Влатко Галевски и проекција на филмот „Имиња“, во режија на Јане Спасиќ. Проекциите ќе започнат во 20:30 часот. Станува збор за нови европски филмови, признаени од европската критика и сакани од европската публика.
Сите настани се бесплатни.