На 5 март 2025 година, во хотел „Аполонија“, со почеток во 19:00 часот, гевгеличани ќе имаат можност да уживаат во концертниот настан „Танго приказна“. Од страна на камерниот состав „Агогик“ ќе бидат изведени танго композиции, милонги, валцери од најпознатите композитори на тангото, како А. Пјацола, Ф. Канаро, К. Гардел и други познати композитори, а сето тоа збогатено со сценскиот настап на Владанка Колева и Онур Мок од „Центар 213“. Овој настан е дел од програмата за „Гевгелија град на културата за 2025 година, а е во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија. Влезот е слободен.
Музичко-сценскиот настап „Танго приказна“ има за цел доближување на танго културата, музиката и на танцот до широката македонска публика.
Камерниот состав „Агогик“ во состав Филип Петрески на хармоника, Ајхан Куртов на пијано и Пламенка Трајковска на виолина повеќе од 15 години ја носи магијата на танго музиката кај нас. Досега настапиле на речиси сите македонски сцени и познати манифестации како „Скопско лето“, „Бит-фест“, „Штипско културно лето“, „Топол културен бран“, „Кавадаречка културна есен“, „Велешко културно лето“ и многу други настапи на концертните сцени во Македонија и на концерти во Србија и во Грција. Владанка Колева и Онур Мок од „Центар 213“, кои досега настапиле на повеќе домашни и странски сцени во Словенија, Хрватска, Босна и на други танго сцени.