ТППЕ- Гевгелија и Општина Гевгелија упатуваат апел до граѓаните од општините Гевгелија, Богданци и Дојран за поголема претпазливост и внимателност во текот на грејната сезона, која започна на 15 октомври. Со цел превенција од пожари и заштита на имотот и животите на граѓаните, се препорачува преземање на следните мерки и активности:
– редовно одржување и чистење на оџаците и димоводните уреди од саѓи;
– пепелта од грејните тела да не се фрла во контејнерите за одлагање отпад, поставени на јавно-прометни површини;
– избегнување неправилно складирање на запаливи течности, гасови и цврсти запаливи материи;
– редовна проверка на електричната инсталација, грејните тела, апаратите и уредите во домаќинствата и институциите, како и избегнување на преоптоварување на електричната мрежа, премостување на осигурувачи и појава на кратки споеви и електрично искрење;
– редовна контрола на исправноста на хидрантите и противпожарните апарати, како и примена на останатите мерки за заштита од пожари во институциите (училишта, болници, градинки, спортски сали, индустриски и станбени објекти);
– одржување на проодноста до станбените згради и скалиштата, со цел овозможување брза интервенција на ТППЕ- Гевгелија во случај на потреба.
Се замолуваат граѓаните доколку забележат одредени сомнителни места каде е присутен оган или дим, веднаш да ги известат надлежните служби во најблиските институции и установи или да се јават на телефонскиот број 193, 112 и на 034/211-881.
ТППЕ- Гевгелија апелира до сите граѓани да постапуваат совесно, внимателно и превентивно, бидејќи заштитата од пожари започнува со личната одговорност и навремено преземените мерки.


