По повод претстојните новогодишни и божиќни празници, Општина Гевгелија организираше традиционално дружење со децата и лицата со попреченост од нашата заедница.
Градоначалникот Андон Сарамандов заедно со претставници на општинската администрација и ЈУМЦСР- Гевгелија ги посети штитениците на Дневниот центар и Центарот „Мајка Тереза“ во Гевгелија, каде што разговараше со нив и им подари пригодни новогодишни подароци.
Исто така, во Народниот театар- Гевгелија, беа доделени подароци и за деца од семејства во социјален ризик. Доделувањето на пакетчињата, во присуство на Дедо Мраз, создаде топла атмосфера на дружење, заедништво и внимание.
– Детската насмевка и радоста се најголемата мотивација и потсетник зошто овие моменти се навистина вредни. Времето поминато на ваков начин секогаш исполнува со позитивна енергија и дава дополнителен поттик за идните предизвици- истакна градоначалникот Андон Сарамандов, сумирајќи ги впечатоците од денот посветен на дружење и заедничко испраќање на 2025 година.
Со оваа традиционална активност, Општина Гевгелија ја потврдува својата посветеност кон поддршка на најмладите, лицата со попреченост и семејствата во социјален ризик, со цел да се создаде пријатна и внимателна празнична атмосфера за сите.



































