Утре (четврток, 24 април 2025 година), во Народниот театар ќе гостува ансамблот од Народниот театар при НУЦК „Антон Панов“- Струмица со комедијата „Петок 13“. Изведбата во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ ќе започне во 20:00 часот, а влезот е слободен.
„Петок 13-ти“ е урнебесна комедија која во прв план се занимава со прашањето на – малерот. Целта на претставата е да понуди приказна во која голем дел од популацијата ќе се препознае или ќе го препознае однесувањето на своите најблиски. Освен намерата да ги насмее гледачите до солзи, претставата треба да предизвика несигурност и мала доза на нелагодност кај публиката и тоа преку разбирањето на сопствените навики и однесувања – како тие изгледаат погледнати од страна.
Сите ликови во претставата се до некој степен малерозни. Некои од нив веруваат во повисоки сили и влијанија, а некои не веруваат. Сепак, се чини дека нивната верба или неверба нема никакво влијание врз малерите кои им се случуваат. Тоа ги прави ранливи и непредвидливи…
Сценариото е на познатиот современ француски комедиограф Жан Пјер Мартинез, режијата е на Никола Ристов, а во претставата играат: Стојан Велков- Трн, Анкица Бенинова, Јасмина Вучкова и Ванчо Василев.

