Спасовденските чествувања во Гевгелија ќе започнат во понеделник (10 јуни 2024 година), со Концерт на Ансамблот „Бојмија“- Гевгелија, насловен „Две децении, детски чекори“. Во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:00 часот, ќе настапат детските групи со кореографии од постојаниот репертоар, а со тоа ќе го започнат своето прославување на 20-годишниот јубилеј од формирањето на гевгелискиот фолклорен ансамбл. Во рамки на културно-уметничката програма за Спасовден 2024 година, гевгеличани ќе имаат можност да уживаат во чекорите на нивните најмили- деца, внуци, ученици и познаници.
Имено, покрај овој концерт по повод празникот „Вознесение Христово“, што е патрон на градот, својот 20-годишен јубилеј, „Бојмија“ ќе го одбележи со уште два концерта – на 17 јуни 2024 година, со настапите на детските групи и кореографски поставки различни од првиот концерт, и на 19 јуни 2024 година со настапите на првиот состав на Анамблот и групата ветерани.
Ансамблот е формиран 2024 година, а во 2005 година е официјално регистриран како здружение на граѓани. Именуван е според етничкиот предел „Бојмија“, во којшто спаѓа и Гевгелиската Котлина. Денеска, брои околу 130 активни членови кои работат во три групи кои се поделени според нивната возраст. Репертоарот во Ансамблот „Бојмија“ е разновиден, негува игри и песни од сите краеви на Македонија, а покрај народните носии, поседува и инструменти и свој оркестар којшто е дел од сите настапи во земјата и странство. 20-годишното постоење бележи успешно амбасадорство на Гевгелија и македонскиот фолкор не само во земјата туку и пошироко, со голем број успешни настапи и освоени награди.