Гевгелија беше во центарот на вниманието на европската кошаркарска јавност со посетата на претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, едно од најпознатите имиња во европската и светската кошарка. Во рамките на престојот во градот, Гарбахоса го пречека градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, реализирајќи средба, на која присуствуваа и претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Томица Главчев, како и претставници на Федерацијата.
Посетата се реализира во периодот кога во Гевгелија се одржува Европското првенство за кошаркари до 16 години- Дивизија Б, со што градот е дел од организацијата на значаен европски младински кошаркарски настан. Натпреварите во Гевгелија се одржуваат во спортската сала „26 Април“, каде што љубителите на кошарката имаат можност да ги следат настапите на младите репрезентации.
На средбата во Општина Гевгелија, градоначалникот Сарамандов изрази благодарност до претседателот на ФИБА Европа за довербата Гевгелија да биде дел од организацијата на Европското првенство, истакнувајќи дека ваквите спортски случувања се значајна можност за промоција на градот:
– Како градоначалник на Гевгелија, благодарам за укажаната доверба Европското првенство да се одржува во нашиот град. За нас ова е можност да покажеме дека знаеме да бидеме успешни организатори и добри домаќини.
Во рамките на посетата, во спортската сала „26 Април“, Сарамандов и Гарбахоса заедно го проследија натпреварот меѓу Македонија и Украина, во рамките на Европското првенство. Во знак на гостопримството и почитта, градоначалникот Сарамандов му врачи на Гарбахоса дрес од гевгелискиот Kошаркарски клуб „Кожув“, како симболичен подарок и спомен од неговата посета на Гевгелија.
– Горди сме што Гевгелија е домаќин на едно вакво големо европско спортско случување. Верувам дека со нашето гостопримство и условите што ги нуди градот, уште еднаш покажавме дека Гевгелија знае да организира големи настани- посочи Сарамандов.
Европското првенство за кошаркари до 16 години донесе дополнителна спортска динамика во Гевгелија, со натпревари кои го исполнуваат градот со младинска кошарка и спортски дух. Посетата на претседателот на ФИБА Европа дополнително го збогати настанот и ја истакна важноста на Гевгелија како град кој активно придонесува во организацијата на значајни спортски случувања.
























