На 16 декември 2025 година, во Народниот театар- Гевгелија, се одржа новогодишниот концерт на Ансамбл „Бојмија“- Гевгелија, насловен „Чекори низ времињата“, кој привлече бројна публика и ја исполни салата со празнична атмосфера. Меѓу присутните беше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Особено внимание привлече премиерната изведба на постановката „Комитско оро“- кореографија со длабока симболика, која низ игра, движење и сценски израз ја долови борбата, достоинството и истрајноста како дел од историската меморија и националниот идентитет на македонскиот народ. Премиерата беше проследена со силни аплаузи и искрени реакции од публиката, потврдувајќи ја уметничката зрелост и креативната визија на Ансамблот.
Во рамки на концертната програма беа изведени кореографиите „Сред село“, „Два танца“, „Лазаренки“, „Посеље“, „Поречки игри“, „Пиринско пролетно цвеќе“ и „Врање“, преку кои Ансамбл „Бојмија“ ја претстави богатата фолклорна традиција од различни поднебја. Публиката имаше можност да ги проследи и вокалните изведби на песните „Оди, оди малој моме“ и „Жал за младост“- песни изникнати од длабочината на народната душа, во интерпретација на Боркица Мурџева и Розета Миовска, кои внесоа посебна емоција и лиричност во вечерта.
Со овој новогодишен концерт, Ансамбл „Бојмија“ симболично ја одбележа својата плодна, континуирана и посветена работа, потврдувајќи ја својата улога како еден од најзначајните носители на фолклорната традиција и културниот живот во Гевгелија и регионот.
Настанот беше дел од официјалната програма „Гевгелија град на културата за 2025 година“, со што уште еднаш се потврди значајната улога на фолклорните ансамбли во збогатувањето на културниот живот и афирмацијата на Гевгелија како активен културен центар.
Новогодишниот концерт „Чекори низ времињата“ заврши со долготраен аплауз и празнична атмосфера, оставајќи силен впечаток и достојно најавувајќи ја завршницата на културната година.





















