На третиот ден од Велигден, во Миравци, се собраа голем број жители и гости од околијата да ја проследат фолклорната манифестација „Ѓура Мара“ што традиционално ја организира КУД „Танец“ од Миравци. Покрај прикажувањето преку оро и песни- обидот за грабнувањето на Мара од страна на Турците и херојскиот подвиг на братот Ѓуро за нејзиното спасување, КУД „Танец“- Миравци се претстави и со други кореографии од македонскиот фолклор. И годинава, не изостана учеството на други ансамбли и културно-уметнички друштва од и надвор од државата: КУД „Браќа Минкови“ од с. Куклиш, општина Струмица; ЗФГ „Копачка“ од с. Драмче, општина Делчево и КУД „Ѓорѓе Натошевиќ“ од Нови Слан Камен, општина Инџија- Р. Србија.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, присуствуваше и ја проследи „Ѓура Мара 2024“, поздравувајќи ги сите учесници и честитајќи им на организаторите за успешната вечер. Во честитката истакна:
– Македонскиот фолклор е нашиот корен, а ниту едно дрво не може да расте без својот корен. Нашата нација со векови ја негува својата традиција преку својот корен, а тоа е македонскиот фолклор. Ме радува тоа што на настанот имаше огромен број луѓе, цело Миравци и околината беа присутни на изведбата на фолклорните игри. Граѓаните ја негуваат нашата традицијата и културата и тоа е за почит. Честитки до организаторите од КУД „Танец“- Миравци и присутните гости- учесници за своето учество и организација. Како локална самоуправа, даваме поддршка за организација на настани коишто имаат придонес за негување на културните вредности во нашиот крај. Овој настан е посебен бидејќи низ призма на макеодонските игри и ора се негува нашата традиција.
„Ѓура Мара 2024“ е поддржана од Министерството за култура, како и од Општина Гевгелија преку Програмата за културни настани за 2024 година.