На 10 октомври 2025 година, најмалите од ЈОУДГ „Детска радост“ го приредија музичкиот хепенинг „Јас сум дете- ги знам моите права“, со кој на креативен и забавен начин го одбележаа крајот на Детската недела. Градскиот плоштад во Гевгелија се претвори во шарена детска сцена исполнета со песни, насмевки и музика, каде дечињата ги презентираа своите кореографии, носеа транспаренти со пораки за детските права и цртаа на плоштадот, создавајќи живописни мотиви со креда кои го претворија просторот во вистинска детска уметничка галерија на отворено. На овој начин, најмладите потсетија дека секое дете има право на љубов, грижа, образование и среќно детство, како и на слобода да игра, учи и истражува.
Настанот го следеа бројни родители, граѓани и гости, кои со гордост ги бодреа најмладите учесници. Поддршка на овој детски празник даде и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој им честиташе на воспитно-згрижувачкиот кадар и на децата за нивната енергија и ентузијазам, истакнувајќи:
– Тие ни покажуваат дека среќата е во едноставните нешта- во играта, дружбата и искрените насмевки што го разубавуваат сечиј ден. Да ги слушаме децата, да ги чуваме нивните права на радост, игра и слобода да истражуваат и учат. Најважно е да им овозможиме да растат во средина каде нивните насмевки и желби се почитуваат и исполнуваат. Гевгелија ќе продолжи да расте со нив и за нив.
Како дел од „Гевгелија град на култура за 2025 година“, со ваквите активности се поттикнува детската креативност, самодоверба и чувство на припадност кон градот. Детскиот глас и детската игра стануваат дел од културната сцена на Гевгелија, потсетувајќи дека вистинската култура започнува со најмалите- со нивната чистота, љубопитност и радост што ја обојуваат секоја заедница.
Настанот, исто така, ја истакна важноста на градењето средина која ги негува и почитува правата на децата, поттикнувајќи свест кај граѓаните и младите генерации дека радоста, играта и учењето се основни вредности кои треба да бидат дел од секојдневието. Со ова, Гевгелија покажува дека културата не се состои само од уметнички настани и концерти, туку и од активностите што го развиваат чувството на заедништво, љубовта кон ближните и почитта кон најмладите.



















