Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025“, на 12 ноември 2025 година (среда), со почеток во 19:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија, ќе се одржи Концертот „Од класицизам до македонизам“ на квартетот „Стрингендо“. Квартетот го сочинуваат Љубица Делева Поповска- виолина, Олгица Шундиќ- виолина, Љупка Каевиќ- виолончело и Наташа Лазаревска- обоа. Концертот „Од класицизам до македонизам“ на квартетот „Стрингендо“ е во насока на промовирање на македонската класична музика и македонската традиција, а воедно и интерпретација на дела од класицизмот, кои претставуваат никулец на инструменталната музика.
Квартетот „Стрингендо“ е специфичен спој на дувачки инструмент (обоа) со гудачки инструменти (две виолини и виолончело). Целта на неговото формирање е афирмација на македонската музика, а воедно и негување на класицизмот како важна епоха за развојот на инструменталната музика. Обоата со нејзиниот специфичен звук е често поврзана со звукот на изворните македонски инструменти и токму затоа таа има главна улога во нижењето на преубавите мелодии на македонската песна.
Во последните години „Стрингендо“ активно настапува во Македонија и во странство, а како најзначајни настапи може да се издвојат концертите во Рим и Њујорк. Со својот карактеристичен состав и оригинална програмска насока, квартетот придонесува за збогатување на македонската музичка сцена и нејзина промоција надвор од границите на државата.
Настанот, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, е дел од годишната програма на Општина Гевгелија во рамки на „Гевгелија град на културата за 2025 година“, реализирана со поддршка на Министерството за култура и туризам.




