На 10 и 11 јуни 2025 година, Гевгелија беше домаќин на 13. издание на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти, кој традиционално се одржува во организација на познатиот македонски пијанист и педагог Глигор Гелебешев. Годинашниот натпревар, дел од официјалната програма „Гевгелија град на културата за 2025 година“, собра 81 учесник- млади пијанисти од Македонија, Србија и Косово.
Настапите се одвиваа во свечената сала на хотел „Аполонија“, каде од утринските часови до попладне учесниците се претставуваа во три основни категории поделени на поткатегории според возраста и музичката подготвеност. Програмата овозможи целосен увид во музичкиот развој и потенцијал на младите уметници што беше оценуван од меѓународно жири во состав на истакнати професори по клавир: Милка Митева (Софија- Бугарија), Драгомир Братиќ (Белград- Србија) и Виолета Суховиќ Стефановска (Скопје- Македонија), а врз основа на критериуми како техничка прецизност, музикалност, сценски настап и интерпретација.
Натпреварот, покрај натпреварувачкиот карактер, имаше и силен едукативен и културен елемент, создавајќи простор за вмрежување, размена на искуства и унапредување на интеркултурниот дијалог преку музика. Настанот уште еднаш го потврди значењето на Гевгелија како активен центар за развој на младински културни иницијативи и интернационална соработка во полето на класичната музика.
Значајно е да се одебележат и успесите на учениците од класата на проф. Душко Лазаров во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, кои постигнаа одлични резултати. Лазар Мијов освои I награда, прва категорија и Константина Митрова – I награда, преткатегорија.
Со вакви настани, поддржани од локалната самоуправа, Гевгелија ја зацврстува својата позиција како град на културата, уметноста и младинскиот потенцијал, овозможувајќи и на новите генерации да блеснат на сцената и да се изградат како идни амбасадори на музичката уметност.













