Гевгелија, во рамки на програмата за „Град на културата за 2025 година“, продолжува да ги отвора сценските врати за најразлични облици на културно изразување. Овој петок, 14 ноември 2025 година, со почеток во 19:00 часот, на сцената на Народниот театар- Гевгелија ќе биде одиграна театарската претстава „Ленче кумановче“ или позната како „Бегалка“ на Васил Иљоски. Претставата ќе ја изведе Здружението на граѓани „Куманово“, чиј ансамбл го сочинуваат пензионери- аматери, кои со посветеност ја негуваат традицијата и македонското драмско наследство. Влезот е слободен.
На сцената во Гевгелија ќе оживее вистинската љубовна драма што го инспирирала писателот Васил Иљоски да го напише делото „Бегалка“, случена во дваесеттите години на минатиот век во Куманово. Тоа е приказна за големата и несекојдневна љубов што ги победила сите тогашни предрасуди и препреки меѓу чорбаџиското и сиромашното семејство- љубов што станала симбол на човечност, достоинство и верба во правото на сопствен избор.
Настанот е во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија како дел од активностите што ја збогатуваат културната понуда во градот и промовираат активно учество на повозрасните граѓани во културниот живот.



