Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 13 ноември (четврток) со почеток во 19:00 часот, на сцената на Народниот театар во Гевгелија ќе се одржи целовечерен концерт на Универзитетскиот aнсамбл „Македонија“, насловен „Ансамбл Македонија со вас“. Влезот е слободен. Ансамблот „Македонија“ ќе ја поведе публиката на патување низ звуците на чалгијата и градската традиција од Тетово до Охрид, претставувајќи ги најубавите игри и песни што со векови ја кроеле музичката приказна на Македонија. Настанот е во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, со поддршка од Општина Гевгелија и Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Ансамблот „Македонија“, што функционира при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип, е единствен од ваков тип во земјата и претставува вистински репрезент на македонската традиционална култура. Во него се вклучени професионалци и студенти од областа на традиционалната игра, инструменталната и вокалната музика, под менторство на врвни стручњаци. Репертоарот на Ансамблот опфаќа сценски адаптации на сите играорни подрачја во Македонија- Западно, Југозападно, Јужно, Источно и Северно- со внимателна обработка на орските и музичките стилски карактеристики.
За сценското претставување, Ансамблот располага со богат фонд на автентични народни носии од различни етнографски предели, кои преку социјални атрибути и реквизити ја доловуваат разновидноста на традиционалната култура и начинот на живеење. Посебен дел од настапот ја прикажува облековната еволуција низ историските модни стилови, од „ала Турка“ со ориентално влијание од крајот на XIX и почетокот на XX век, до „ала Франга“- западноевропскиот градски стил што го одразува духот на модерниот македонски град. Со својата сценска изведба, Ансамблот „Македонија“ го оживува македонскиот музичко-играорен дух и ја чува традицијата како жива врска меѓу минатото и сегашноста.




