Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 15 ноември 2025 година (сабота), со почеток во 15:00 часот, во Уметничката галерија „Амам“ ќе биде отворена самостојната изложба на уметницата Роза Мојсовска, насловена „Цветна градина“, во склоп на Проектот „Под исто платно: инклузија низ култура“. Настанот се реализира во организација на „Абилитис“ и „Зета“, со поддршка од Општина Гевгелија, Националната установа Музеј- Гевгелија и Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Изложбата „Цветна градина“ претставува инспиративно уметничко патување низ светот на Роза Мојсовска – уметница која, со четка во уста, ја раскажува приказната за храброста, истрајноста и бескрајната човечка сила претворена во боја. Низ 25 дела, таа ја отвора „градината“ на својата душа – простор исполнет со светлина, нежност и надеж, каде секој цвет е симбол на живот, секоја боја трепет на чувството, а секое платно сведоштво дека уметноста може да процвета дури и таму каде што другите гледаат ограничувања.
Во своето творештво, Мојсовска се изразува преку две доминантни техники- масло и акрил на платно. Со маслените бои таа го покажува мајсторството во користење на нивната богата текстура и длабочина за создавање реалистични и емотивни композиции, додека преку акрилните бои ја истакнува својата вештина во користење на динамични и интензивни тонови, со современи изрази и прецизност во деталите.
Роза Мојсовска е единствената уметница во Македонија која создава дела со четка во уста. Со над илјада слики зад себе, таа ја претвора својата животна борба во инспирација и докажува дека уметноста нема граници. Член е на Меѓународното здружение на уметници кои сликаат со уста и нозе (VDMFK), а нејзините дела се дел од бројни приватни и институционални колекции во земјата и странство. Родена со телесна попреченост која ѝ оневозможува користење на рацете и нозете, уште од детството го пронашла својот начин да ја изрази љубовта кон уметноста- со четка во уста. Првата слика ја нацртала на седум години, создавајќи цвет како симбол на живот и надеж. Од тој момент, сликарството станува нејзин јазик, сила и најдлабока форма на слобода. Со текот на годините, уметноста за Роза не е само израз, туку и начин на живот- нешто што ја исполнува, ја одржува и ѝ дава смисла секој ден. Преку боите и платното, таа го пренесува својот свет исполнет со љубов, храброст и убавина, охрабрувајќи ги младите и пошироката заедница да веруваат во сопствените таленти и да ги следат своите соништа без оглед на пречките.
„Под исто платно“ е инклузивен културен проект, финансиран од Hartefact и имплементиран од Abilitist и ZETA, во соработка со индивидуални уметници. Проектот ги обединува уметниците со и без попреченост преку уметнички работилници, менторства и изложби, создавајќи простор за еднакво учество во културната сфера. Со три самостојни изложби- во Скопје, Тетово и Гевгелија- и групна презентација на Ability Awards 2025, проектот претставува повеќе од шеесет оригинални уметнички дела и досега достигна над илјада посетители. Преку креативна соработка и силна медиумска видливост, „Под исто платно“ ги руши општествените стигми, ги отвора институциите кон инклузија и го трансформира начинот на кој општеството ја доживува уметноста и различностите.
Публиката ќе има можност да присуствува на воведни обраќања и кураторска презентација, потоа на разговор со уметницата и водена тура низ изложбата, по што ќе следува неформално дружење и споделување впечатоци.
Изложбата „Цветна градина“ е повеќе од уметнички настан- тоа е сведоштво дека убавината, инклузијата и човечката сила можат да се изразат преку боја, светлина и љубов, под исто платно кое нè обединува сите.





