Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата 2025 година“, на 18 ноември (вторник), со почеток во 19:00 часот, во Малата сала на Народниот театар, ќе се одржи концерт на реномираниот македонски, камерен ансамбл „Консонанс“. Настанот претставува значаен културен придонес кон годишната програма на општината, кој најавува вечер исполнета со исклучителна музичка уметност и автентичен спој на класика и традиција.
Концертната вечер, симболично осмислена под мотото „Магичен спој на светови“, ќе ја отвори вратата кон уникатно музичко патување. Публиката ќе ја почувствува елеганцијата на неокласичниот израз на Игор Стравински преку делови од балетската суита „Пулчинела“, а потоа ќе биде воведена во исконската сила и убавина на македонскиот фолклор, преку современи композиции на Дарко Илиевски, мајсторски адаптирани за камерниот состав и хармоника.
Во вториот дел од програмата, посетителите ќе уживаат во композициите „Стојно ле, севдо ле“, „Магла“, „Фугато Б“, „Свита“ и „Мозаик“- дела кои го преточуваат традиционалниот македонски мелос во модерни музички форми, притоа задржувајќи ја длабочината и автентичноста на народниот звук.
Ансамблот „Консонанс“, основан во 2007 година, претставува редок пример на македонски камерни состави кои успеваат континуирано да го надградуваат својот израз. Од иницијален дрвен дувачки ансамбл, тој прераснува во моќен камерен колектив со проширена инструментална поставеност, препознатлив по високото ниво на интерпретација, експериментален дух и културна мисија. Со речиси две децении уметничко созревање, „Консонанс“ има изградено препознатлив музички идентитет и богато портфолио од настапи на национални и меѓународни фестивали, како и издадено ЦД.
Силата на ансамблот се огледува во квалитетот на неговите членови – врвни професионалци од Македонската филхармонија, меѓу кои кларинетистот Здравко Ангелов, прв кларинетист и истакнат солист познат по својата виртуозност; обоистката Маја Чанаќевиќ, која музицира на англиски рог и активно делува како камерен музичар и музички менаџер; Сашко Темелкоски, бас-кларинетист и еден од основачите на ансамблот, воедно член на оркестарот „Фамес“ со богато искуство во снимање филмска музика; флејтистката Јана Каевска, добитничка на бројни награди и учесник на меѓународни фестивали; како и акордонистот и композитор Дарко Илиевски-магистер по Сонологија, член и уметнички раководител на ансамблот „Танец“, чиј авторски и аранжерски потпис ја носи голема част од програмата на оваа вечер.
Ансамблот зад себе има настапи во земјата и регионот, меѓу кои Црна Гора, Србија, Бугарија, Хрватска, Турција, како и настапи во Соединетите Американски Држави, претставувајќи го македонското музичко наследство на меѓународна сцена.
Со концертот на „Консонанс“, Гевгелија уште еднаш ја потврдува својата заложба да биде град на културното оживување и современиот уметнички израз. Настанот носи силна порака за вредноста на македонската музичка традиција и за важноста на културната интерпретација во ново, современо светло.
Влезот за концертот е слободен.




