Со одржувањето на последниот концерт, од серијата три, Ансамбл „Бојмија“ од Гевгелија го прослави својот 20-годишен јубилеј. Во преполната сала на Народниот театар- Гевгелија, со кореографии на традиционални ора и песни од етничките предели на Македонија, првиот состав на Ансамблот, како и поранешни членови- ветерани, им приредија прекрасен концерт на гевгеличани за чествување на јубилејот. Најголем впечаток остави изведбата на сценската адаптација „Пијанец“, во чијашто музичка интерпретација учествуваше најмладиот тапанџија- осумгодишниот Виктор Марков.
Концертот го проследи и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Имено, го изрази своето задоволство од одржувањето на концертот по повод 20-годишниот јубилеј на „Бојмија“.
– Прекрасна изведба на гевгелиските чувари на традицијата и македонскиот фолклор. Енергичен настап со многу ентузијазам. Им честитам за трудот и упорноста, како и за успехот кој го постигнуваат, а со кој ја промовираат нашата Гевгелија внатре и надвор од границите на Македонија. Негувањето на нашата традиција има огромно значење за идните генерации. Во Ансамблот „Бојмија“ членуваат членови од најразлични возрасти и претставува спој на многу генерации од нашиот град, – истакна Сарамандов.