Во рамки на последните активности од програмата за „Гевгелија град на културата за 2025“, на 24 декември 2025 година (среда), со почеток во 19:00 часот, во Големата сала на Народниот театар, ќе биде премиерно прикажана филмската реконструкција „Сведоштва“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија. Филмот „Сведоштва“ е резултат на долгогодишни теренски истражувања на Етнокореолошкиот оддел при Домот на културата „Македонија“- Гевгелија и внимателно документирани разговори со луѓе кои и денес ја носат живата меморија за русалискиот обред. Сведоштвата се собрани на просторот на „Бојмија“, поточно во селата Петрово и Миравци, каде Русалиите не биле само ритуална поворка, туку составен дел од колективниот живот, духовноста и заедништвото.
Преку синтеза од нарација, лични сеќавања и архивски материјали, филмот создава автентичен мозаик кој ја осветлува симболиката, движењето и значењето на русалискиот обред. Русалиите, како машки обредни групи, преку својот ритам, чекор и реквизити, имале за цел заштита на заедницата, здравје и бериќет, оставајќи длабоки траги не само во духовната, туку и во материјалната културна оставнина. Сценариото, режијата и нарацијата на филмот се на Силвестер Проле, кој со чувствителен и истражувачки пристап ја води приказната низ времето и меморијата. Камерата и монтажата се на Васко Трајков, чиј визуелен јазик дополнително ја засилува документарната автентичност и емоционалната сила на сведоштвата.
Во филмската реконструкција учествуваат уметници од Ансамбл „Бојмија“- Гевгелија и ФА „Мегдан“- Богданци, чија изведба придонесува за веродостојно сценско и визуелно оживување на обредните елементи. Особено значајна е и хуманата димензија на русалискиот обред, која се огледа во заедничките заложби за изградба на мостови, чешми, цркви и училишта- објекти што и денес сведочат за силата на солидарноста и колективната одговорност.
Прикажувањето на „Сведоштва“ во рамки на „Гевгелија град на културата 2025“ претставува значаен придонес кон афирмацијата и зачувувањето на нематеријалното културно наследство, потврдувајќи ја улогата на Гевгелија како град кој ја негува културната меморија и ја интегрира традицијата во современиот културен контекст. Настанот се реализира со поддршка на Општина Гевгелија и Министерството за култура и туризам.



