На 27 септември 2025 година (сабота), со почеток во 19:30 часот, во Младинскиот дом во Негорци, ЗКУД „Негорци“ Фолклорен концерт ќе го одбележи својот 25-годишен јубилеј од активната работа. На свечениот настан, покрај изведба на традиционални песни и игри од репертоарот на ЗКУД „Негорци“, ќе бидат истакнати и постигнатите успеси на Ансамблот, коишто ја потврдуваат посветеноста кон зачувување и промоција на традиционалната култура.
Јубилејот претставува значаен културен настан што ја одбележува четвртвековната традиција на Аансамблот во негување и промовирање на македонскиот фолклор . Во изминатите 25 години, ЗКУД „Негорци“ преку бројни настапи, концерти и културни манифестации во Македонија и странство успешно ја пренесува богатата народна традиција, истовремено придонесувајќи за зачувување на националниот идентитет и културното наследство.
Фолклорниот ансамбл е препознатлив по својата посветеност, младешка енергија и креативен дух и се вбројува меѓу активните чувари на народната музика, оро и песна во регионот.
Овој јубилеен концерт е дел од културните содржини што се реализираат во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, со поддршка на Општина Гевгелија.
