Во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 25 декември 2025 година (четврток), со почеток во 10:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија, најмладата публика ќе има можност да ужива во детската едукативно-интерактивна театарска претстава „Елза и Дедо Мраз“, во изведба на Театар „Арториум“- Скопје. Влезот е слободен.
Претставата нуди волшебна сценска приказна исполнета со музика, игра и интеракција, која на забавен и поучен начин ги пренесува вредностите на пријателството, добрината, споделувањето и новогодишната магија. Преку внимателно осмислена драматургија и директно вклучување на децата во текот на изведбата, малите гледачи стануваат активни учесници во сценското доживување, што ја прави претставата особено привлечна и едукативна.
„Елза и Дедо Мраз“ е наменета за деца од предучилишна и училишна возраст и претставува дел од богатата културна програма што се реализира по повод носењето на титулата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, со посебен акцент на културната едукација и развој на најмладата публика.
Настанот се реализира со поддршка на Општина Гевгелија и Министерството за култура и туризам, како дел од заложбите за поттикнување на културната понуда и достапноста на квалитетни културни содржини за сите генерации.
Со оваа празнична претстава, Гевгелија продолжува да ја зацврстува својата позиција како активен културен центар и град кој со особено внимание ја негува културата за деца и млади.




