Во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата 2025“, на 26 декември (петок), со почеток во 18:30 часот, во Народниот театар во Гевгелија, ќе се одржи специјална филмска ревија. Публиката ќе има можност да ги проследи три значајни македонски филмски дела- краток, документарен и игран филм, кои ја прикажуваат разноликоста и современоста на македонската кинематографија.
Во центарот на вниманието ќе биде играниот филм „Утре наутро“, режиран од Јани Бојаџи. Филмот претставува политичка драма која преку интимните приказни на две семејства ја истражува општествената одговорност и последиците од големите одлуки. Билетите за филмот ќе бидат пуштени во продажба од утре (25 декември 2025 година) и можат да се набават во Народниот театар- Гевгелија, во периодот од 08:00 до 15:00 часот и на самиот ден на прикажувањето, по цена од 150 денари.
Документарниот филм „Кодот на Преспа“, режиран од Никола Поповски, со текст од Борјан Јовановски, преку документарен стил отвора простор за размислување за значењето на Преспанскиот регион и културните и социјалните вредности поврзани со него.
Особено внимание ќе привлече краткиот филм „Бојата на мракот“ (Color of Darkness), режиран од Кристијан Костадиновски. Овој 10-минутен драмски краткометражен филм е дипломски проект кој ја претставува новата генерација македонски автори и нивниот креативен израз, нудејќи свеж и иновативен пристап кон краткометражната кинематографија. За документарнит филм „Кодот на Преспа и краткиот филм „Бојата на мракот“ влезот е бесплатен.
Настанот има за цел да ја доближи македонската кинематографија до поширокиот филмски аудиториум, поттикнувајќи културен дијалог и поддршка на домашните филмски автори.




