На 27 октомври 2025 година (понеделник), со почеток во 19:00 часот, во Народниот театар во Гевгелија, ќе се одржи отворањето на мултимедијалниот перформанс „Тунел на традицијата“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и Ансамбл „Бојмија“- Гевгелија. Настанот е дел од богатата годишна програма на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Гевгелија.
Перформансот претставува уникатно уметничко доживување во кое преку живи модели облечени во традиционални носии од различни етнички предели ќе бидат претставени предмети од покуќнината од минатото и нивната некогашна секојдневна функција. Публиката ќе има можност да слушне мелодии изведени од традиционални инструменти, како и вокални изведби на доајени на народната музика.
Како дел од програмата, посетителите ќе уживаат и во изведби на ора од уметниците на Ансамбл „Бојмија“, а низ „тунелот на традицијата“ ќе бидат прикажани и стари видео-снимки од браќата Манаки, пионери на македонската кинематографија.
Настанот е замислен како патување низ времето, кое ја слави македонската културна и етнолошка оставнина, потсетувајќи на нејзината непроценлива вредност и влијание врз современиот културен идентитет.




