Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 29 октомври (среда), со почеток во 19:00 часот, во Угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“, ќе се одржи промоција на збирка песни од ученици при Училиштето, насловена „Многугласие“. Настанот претставува уште едно сведоштво за творечката енергија и уметничкиот израз на младите генерации во Гевгелија.
Проектот опфати ангажирање на уметничко-поетскиот потенцијал на учениците, селекција на најуспешните поетски творби, како и печатeње и издавање на самата збирка. Промоцијата ќе биде збогатена со музички настапи на ученици од Музичкиот оддел при СОУ „Јосиф Јосифовски“ под менторство на професорот по музичко образование, м-р Илија Атанасов, кои со своите изведби ќе придонесат за целосно уметничко доживување на вечерта.Техничка поддршка на настанот ќе даде професорот по македонски јазик и литература, Тони Аврамов.
Ментори на учениците кои се опфатени со сопствена поезија во збирката, се професорите по македонски јазик и литература: Жаклина Атанасова, Даниела Џишева, Бисерка Макреска, Славица Маркова, Тања Чугунцалиева, Вања Манчева и Тони Аврамов. Тие со својата посветеност и педагошки пристап го поттикнаа литературниот израз и љубовта кон пишаниот збор кај учениците.
Настанот се реализира со поддршка од Општина Гевгелија, како дел од активностите што го афирмираат младинското и културното творештво во рамките „Гевгелија град на културата за 2025 година“.




