Во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, утре (4 јули 2025 година), со почеток во 20:30 часот, во Уметничката галерија „Аман“ ќе биде отворена етнолошката изложба на Здружението на граѓани „Миравчка свадба Ѓура Мара“.
Изложбата претставува богата етнолошка поставка составена од автентични предмети, народни носии, рачно изработени ткаенини, алати и декоративни елементи од различни краеви на Македонија што се во сопственост на Здружението. Секој експонат носи своја приказна, сведочи за начините на живеење, секојдневието и духовната култура на нашите предци. Преку внимателна селекција на материјали, изложбата нуди ретка можност за посетителите да се запознаат со традиционалната македонска култура, нејзиниот колорит, симболика и израз на народната уметност.
Настанот е во организација на Националната установа Музеј- Гевгелија.
