Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025“, гевгелиската публика ќе има можност да ја проследи театарската претстава „Чудесна терапија“ од репертоарот на НУ Драмски театар- Скопје. Претставата ќе се одигра на 6 декември (сабота), со почеток во 19:00 часот, на сцената на Народниот театар. Влезот е слободен.
Овој современ драмски текст на Даниел Глатауер, преку суптилна драматургиска нишка и препознатлив хумор, ја отвора темата за интимните партнeрски односи и потребата од искрена комуникација како клуч за нивно градење и одржување. Режисерот Димче Николовски го носи делото на сцена со динамична и чувствителна поставка, која низ хумор и емоција го прикажува патот на една врска ставена пред сериозни предизвици.
„Чудесна терапија“ ја истражува потребата од чиста, искрена и свесна комуникација меѓу партнерите, истакнувајќи дека начинот на кој се надминуваат животните пречки може да ја зацврсти врската или целосно да ја промени. Претставата, која својата премиера ја имаше во 2019 година, останува актуелна со својата силна порака за емотивната зрелост и важноста на дијалогот.
Режисерот Димче Николовски за претставата истакнува:
„Големината на една интимна врска меѓу двајца, се мери преку одговорот на прашањето: Дали успева да постои и надвор од љубовта? Животот е генератор на пречки кои ја носат врската во неочекувани насоки и проблеми. Начинот на кој се справуваме со нив, може да ја зацврсне, а може и потполно да ја уништи. Во ваквите моменти, комуникацијата е единственото ненасилно и ефикасно оружје што го поседуваме. Комуникацијата е универзална способност на секој човек. Но, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во врска, сакале или не, сѐ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, да роди нов, поголем проблем. Зошто е важно да разговараме? Како да разговараме за вистински да ни помогне? Оваа претстава се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска. Притоа, безусловно е свесна дека во комуникациската еволуција, човештвото има уште многу етапи што треба да ги совлада.“
Ансамблот го сочинуваат Соња Стамболиоска како терапевт, Маја Вељковиќ- Пановска како Јоана и Предраг Павловски како Валентин, креирајќи автентична актерска интеракција што ја нагласува универзалноста на темите за љубовта, кризата, недоразбирањата и повторното поврзување.
Драматург е Александра Бошковска, костимограф е Раде Василев, автор на песната Давид Матевски, а преведувач Дориана Кокиноска-Ристевска. Техничката екипа ја сочинуваат: инспициентот Жарко Намичев, суфлерот Даница Илиева, тон-мајсторот Чедомир Младеновски и светло-мајсторот Дејан Блажевски.
Публиката во Гевгелија ја очекува вечер исполнета со хумор, длабочина и препознавање- театарско искуство што нуди и уметничко доживување и своевидна лекција за современите релации и човечката блискост.










