Од денеска – 7 јули, заклучно со 17 јули 2025 година, во периодот од 11:00 до 13:00 часот, холот на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“ оживува со боите и формите на глината. Граѓани од различни генерации и со различни способности заедно ќе создаваат уметнички дела од овој жив материјал. Првата недела е посветена на инклузивно дружење и творење на лица со попреченост- штитеници на Дневниот центар за лица со попреченост- Гевгелија и Центарот „Мајка Тереза“- Гевгелија. Целта е преку уметност и окупациона терапија да ги надминат предизвиците и го покажат својот потенцијал, инспирирајќи ги сите околу нив. Заедно со своите врсници, тие творечката магија ќе ја претворат во пријателство и креативност.
ѝВтората недела е посветена на повозрасните, кои преку креативна едукација и сопствено творење ќе ја откријат силата на глината- не само како материјал туку и како средство за исцелување на умот и духот преку арт-терапија. Керамичката работилница ја води вајарката и музејски копист, Гордана Николоска Петрова.
Целиот труд ќе кулминира со изложба, на која изработените предмети ќе бидат презентирани пред јавноста на 18 јули 2025 година, во ЈОУ Пионерски дом. Изложбата ќе започне во 20:00 часот. Организатор на оваа уметничка иницијатива е ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
