Во чест на гевгелиската спортска легенда Боби Петковски, во периодот од 9 до 10 септември 2025 година, во спортската сала „26 Април“- Гевгелија, ќе се одржи 4. по ред Меморијален турнир во кошарка „Боби Петковски“. Оваа година, Турнирот ќе се одржи во сосема ново издание- наместо младински репрезентации, на теренот ќе настапат првите тимови на „КК Кожув“- Гевгелија, КК „Работнички“- Скопје, турскиот прволигаш „Пинар Каршијака“- двократен шампион во Турција и куп освојувач, кој во сезоната 2015/16 учествуваше и во Евролигата, како и тимот на КК „Бора“ од Косово.
Во полуфиналето, „КК Кожув“ ќе се сретне токму со КК „Бора“, додека во другиот полуфинален дуел ќе се сретнат КК „Работнички“ и „Пинар Каршијака“. Полуфиналните натпревари се закажани за вторник- 9 септември 2025 година, првиот натпревар ќе започне во 18:00 часот, а вториот во 20:00 часот. Ден подоцна, среда- 10 септември, ќе се одиграат натпреварот за 3. место со почеток во 18:00 часот и финалето кое ќе започне во 20:00 часот.
Организатори се Општина Гевгелија и КК „Кожув“- Гевгелија. Турнирот е еден од најзначајните спортски настани во Гевгелија, кој ја истакнува вредноста на спортот, ја охрабрува младината да ги развива своите таленти и ја промовира соработката и пријателството меѓу спортските клубови од различни земји.
