На 13 јуни 2025 година, концертната сала на ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија беше домаќин на впечатлив пијано концерт, на кој настапија студентите од класата на вонредниот професор м-р Кристијан Каровски при Факултетот за музичка уметност -Скопје. Во рамки на културната програма на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, Концертот понуди вистинско музичко доживување за присутната публика, уживајќи во извонредни изведби на дела од светската класична пијанистичка литература.
Младите уметници- Леа Вукановска, Олгица Андонова, Ивана Јанаќиева- Глигорова и Мими Дучева, студенти на една од највлијателните музички академии во земјава, заедно со својот професор и изведбите на пијано го збогатија чествувањето на културниот статус на Гевгелија. Особено емоционален момент на вечерта беше настапот на Мими Дучева- гевгеличанка, сегашен магистранд на ФМУ и поранешна ученичка во ООМУ „Васо Карајанов“, која со своето враќање на познатата сцена на Училиштето наиде на топол прием од публиката. Во рамки на програмата изведе 4 композиции од Бах, Хајдн, Чајковски и Рахманинов.
Одржаниот концерт е резултат на соработката помеѓу ФМУ- Скопје и ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија и претставуваше одлична за локалната публика да се запознае со работата на млади музичари кои го градат својот професионален пат и со својот труд и посветеност го оправдуваат високиот квалитет на македонското музичко образование.









