Општина Гевгелија беше застапена на штандовите на дводневниот Фестивал на храната, занаетчиството и традицијата „Од нива до трпеза- сè од нашата општина“, во Скопје, што се одржа на 14 и 15 јуни 2025 година, во Парк „Авионче“- Ново Лисиче, општина Аеродром. Гевгелија со својата разновидна и квалитетна понуда од гастрономијата и производственото наследство ја презентираа: винаријата „Јостела“, рестораните „Крим“ и „Велвиција“, Здружението на пензионерки, како и пчеларот Игор Илков. Нивните производи предизвикаа голем интерес кај посетителите и беа препознаени по автентичност и квалитет.
Она што ќе го одбележи учеството на Гевгелија на овој фестивал, е тоа што средствата собрани од продажбата на производите ќе бидат донирани на настраданите семејства од Кочани, како гест на солидарност и поддршка од страна на нашите домашни промотори и излагачи.
Овој голем собир обедини околу 250 излагачи од триесетина општини низ државата, како и бројни здруженија и индивидуални производители, со цел промоција на локалното производство, традиционалната храна и домашните занаети.
Настанот овозможи директен контакт меѓу производителите и посетителите, размена на искуства и запознавање со вредностите на локалната култура и традиција, преку дегустации, изложби и презентации. Фестивалот на храната, занаетчиството и традицијата е во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.








