На 20 и 21 јуни 2025 година, љубителите на седмата уметност имаа ретка можност да уживаат во несекојдневно филмско доживување преку дводневниот настан под отворено небо „Кратки ноќи, добри филмови“. Во фокусот беа краткометражните филмови- селекција направена од Стефчо Стефанов- од светската и домашната продукција, наградувани на значајни фестивали. Прикажани беа кратки играни филмови, анимации и авторски експерименти кои допираа до длабоки теми- од човечката кревкост, преку апсурдите на секојдневието, до топли приказни полни надеж.
Првата филмска вечер се одржа пред Народниот театар во Гевгелија, каде што платото се претвори во кино-сала под ѕвездите. Публиката- од филмски ентузијасти до случајни минувачи кои останаа да ја проследат програмата- уживаа во: „Забава во градина“ (2019), „Мувата“ (1980), „Мишко“ (2018), „Стоп“ (2025), „Среќа“ (2017), „Вработување“ (2008), „Оператор“ (2015), „Песнички од градинка“ (2018), „Неми“ (2013), „Прескокнат“ (2013) и „Вујче“ (2017).
На 2. филмска вечер, којашто се одржа во кафе-бар „У“, од колекцијата за одржување на настанот, беа прикажани: „Планинска глава“ (2002), „Соба 8“ (2013), „Рак“ (2013), “Car wash cabaret” (2012), „Бура“ (2003), „Барајќи удобност“ (2023), „Патетичното одлепување на Крег“ (2018), „Готвачот“ (2022), „Машина за перење“ (2020), „Трамвај“ (2012), „Каубои“ (1991) и бонус филмовите „Вработување (2008) и „Вујче“ (2014). Дефинитивно, посебно доживување беа „Стоп“на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, чие сценарио е на Стефанов и „Вујче“ на Перо Кованцалиев, како дел од локалната филмска продукција.
„Кратки ноќи, добри филмови“ го најде своето место во културниот календар на „Гевгелија град на културата за 2025 година“ како настан што со минимализам постигна максимум. Оваа дводневна проекција не само што покажа дека гевгелиската публика има сензибилитет за филмскиот јазик во негова најсконцентрирана форма туку и дека градот умее да создаде услови каде уметноста и јавниот простор се спојуваат во заедничко културно искуство.





