На 21 јуни 2025 година, Негорци стана жива сцена на младешка енергија и народна традиција. Во дворот на ООУ „Ристо Шуклев“, на летната сцена и пред бројна публика, се одржаа Детските фолклорни смотри „На сред село…“- културно-уметничка вечер која се одржа во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025“ година, а ги спои генерациите од 13 ансамбли од различни краеви на Македонија во едно заедничко културно доживување.
Настанот започна со дефиле низ центарот на Негорци- шарен, ведар и разигран порој од носии, музика и аплаузи. Децата гордо продефилираа, претставувајќи го својот крај, својот ансамбл и своето културно наследство. На сцената се редеа: домаќините КУД „Негорци“, фолклорната секција „Богородица“, КУД „Младост“ од Јосифово, КУД „Кирил и Методиј“ од Иловица, КУД „Бранд Петрушев“ од Богданци, КУД „Бахар“ од Чалакли, Валандово, КУД „Браќа Толеви“ од Прдејци, Фолклорното студио „Етнос“ од Скопје, Aнсамблот „Китка“ од Истибања, Aнсамблот „Тиквеш“ од Кавадарци, Aнсамблот „Керамичар“ од Велес, „Осоговски извор“ од Оризари и КУД „Глигор Прличев“ од Скопје.
Преку изворни ора, носии и песни, секое друштво внесе дел од својата локална култура и различен израз, што придонесе за шареноликоста и автентичноста на целата вечер и за создавање една заедничка слика, Македонија низ детски чекори со почит кон културното наследство. Публиката- меѓу кои имаше локални жители, но и гости од целата околина- ги следеше настапите со внимание и аплауз, поддржувајќи го трудот и талентот на најмладите чувари на културното наследство.
Настанот уште еднаш го истакна Негорци како препознатливо фолклорно жариште во регионот, а КУД „Негорци“ како активен чувар на традицијата. Како дел од „Гевгелија град на културата за 2025 година“, потсети дека вистинската култура се создава таму каде што луѓето со љубов и посветеност ја чуваат и ја пренесуваат преку најмладите.









