На 27 јуни 2025 година, Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“- Гевгелија беше исполнет со гласови од членовите на три различни хора- детски, средношколски и мешан- кои се претставија на заеднички концерт во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Концертот ја нагласи континуираната хорска традиција во градот, ја покажа нејзината развојна линија- од најмладите пејачи, преку средношколците, до возрасните членови со долгогодишно искуство и претставуваше симболична, уметничка средба на генерации, гласови и заедничка музичка визија, водени од диригентската палка на м-р Илија Атанасов.
Првиот настап му припаѓаше на Градскиот детски хор „Божилак“, кој изведе пет композиции: „Што ми е мило“ во аранжман на Daniel Hughes, “Canon des scats“ од Pierre-Gérard Verny, македонската народна песна „Еленица препелица“ во обработка на Ристо Аврамовски, “You Raise Me Up“ од Rolf Lavland и “Viva Tutte Le Vezzose“ од Felice Giardini. Веднаш по нив настапи Средношколскиот хор при СОУ „Јосиф Јосифовски“, кој се претстави со “An Irish Blessing“ од James E. Moore и “Gagliarda“ од Baldasare Donatt.
Концертот заврши со настап на Градскиот мешан хор „Гортинија“, кој донесе посериозен репертоар со изведби на „Свечена песна за Свети Кирил и Методиј“, духовната „Тебе поем“ од С. Ст. Мокрањац, “Dies Irae“ од Michael J. Trotta и „Македонско оро“ од Тодор Скаловски.
Настанот не само што го потврди хорскиот капацитет на локалната сцена туку и даде вреден придонес кон програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, преку промоција на музичко образование, генерациска поврзаност и културен континуитет.


















