Во организација на ЗГ Навивачка група „Фантоми Север“- Гевгелија, ова лето ќе се одржи третото по ред издание на Меморијалниот турнир во мал фудбал „Никола Гелебешев“ 2025. Турнирот ќе започне на 10 јули и ќе трае до 30 јули, а пријавувањето на екипите е веќе отворено и ќе биде активно најдоцна до 8 јули. Котизацијата за учество изнесува 1.000 денари по екипа.
Овој Меморијален турнир се организира во чест и спомен на гевгелискиот тренер и голман Никола Гелебешев, човек кој беше повеќе од спортист- тој беше вистински ментор и инспирација за младите генерации. Низ неговите тренерски раце и фудбалско менторство поминаа многу млади фудбалери, на кои им пренесе љубов кон спортот, дисциплина, посветеност и фер-плеј вредности што се паметат и носат со гордост.
На годинешното издание, право на учество ќе имаат следните возрасни категории: првата група ја сочинуваат генерациите родени 2008, 2009 и 2010 година; втората група се генерациите 2011 и 2012; третата група се децата родени 2013 и 2014; четвртата група опфаќа генерации родени 2015 и 2016, а петтата група е наменета за најмладите, родени 2017 година и помали.
Меморијалниот турнир „Никола Гелебешев“ веќе прераснува во спортска традиција во Гевгелија. Тој е симбол на младоста, спортот, другарството и спомените што не бледеат. Преку спорт, младите секоја година ја продолжуваат неговата оставнина- со борба на теренот, со почит меѓу себе и со љубов кон играта. Затоа, формирај ја својата екипа, пријави се и биди дел од најголемиот младински фудбалски настан во градот. За младите – за иднината!