На 18 септември 2025 година, во Народен театар- Гевгелија, а во рамки на „Гевгелија град на културата за 2025 година“, Македонската филхармонија ја испиша својата „Бајка“- целовечерен концертен настан кој ја обедини публиката во магијата на класичната музика. Во тивко и внимателно исчекување, љубителите на музиката ја дочекаа оркестарската поворка предводена од виолинистката и диригентка Ана Кондратенко. Од самиот почеток, атмосферата носеше навестување дека вечерта ќе биде исполнета со музички моменти што ќе остават длабок впечаток. Меѓу присутните, концертот го проследи и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Репертоарот на концертот претставуваше вистинско музичко богатство, составено од две сложени и ретко изведувани дела на современата класична сцена: „Come in!“ за виолина и оркестар од рускиот композитор Вјачеслав Мартинов и „Letters to friends“ од грузискиот мајстор Гија Канчели. Оваа внимателно избрана програма ѝ даде на Гевгелија можност да ужива во музика која обично се слуша на големите светски сцени, а ретко се пресликува во помалите културни центри.
Концертната вечер започна со делото на Мартинов, чијшто шест става ја одведоа публиката на патување низ богати музички пејзажи, исполнети со енергија, прецизност и суптилна драматика. Секој дел носеше свој посебен карактер- од живописни, ритмички и динамични сегменти до моменти на длабока тишина и мирна рефлексија. Кондратенко, во двојната улога на диригент и солист, ја водеше виолината со голема мајсторство и израз, градејќи интензивен дијалог со оркестарот. Оркестарот одговори со совршена синхронизација и звук исполнет со живот, давајќи целина која пленеше со својата сложеност и убавина.
По оваа богата звучна слика, „Letters to friends“ на Канчели внесе нова димензија- мир и тишина, речиси медитативна атмосфера, каде секој тон беше исполнет со длабоко значење. Музиката како да шепотеше лични пораки, а публиката внимателно го следеше секој звук, потопена во оваа интимна и искрена музичка исповед. Со својата кревкост и драматичност, ова дело остави силен емоционален печат кај сите присутни.
Концертот беше дополнително збогатен со визуелни проекции на платното зад оркестарот, кои ја следеа музиката и создаваа импресивни слики и форми што го дополнуваа музичкиот наратив. Овие визуелизации ја носеа публиката низ различни емоционални и сензорни светови, овозможувајќи им уште подлабоко доживување на делата.
По завршувањето на концертната програма, музичките уметници беа пречекани со долги аплаузи и стоечки овации кои ја изразуваа благодарноста и восхитот на публиката. Кондратенко и оркестарот, под влијание на ова искрено признание, неколку пати се вратија на сцената за повторни изведби, што само ја потврди уникатноста на вечерта. „Бајка“ се испиша како еден од врвните моменти во септемвриската културна програма на градот.
Со својот настап, Македонската филхармонија ја збогати културната понуда на Гевгелија, подарувајќи им на граѓаните искуство исполнето со врвна музичка уметност и искрена комуникација. Концертот остави траен впечаток и потврди дека класичната музика продолжува да биде жива и достапна, дури и во помалите културни центри.

































