И во 2025 година, Општина Гевгелија ја потврдува својата определба за отвореност и отчетност кон граѓаните, рангирајќи се високо на листата на институции со активна транспарентност. Според најновиот Извештај за индекс на активна транспарентност, кој произлегува од редовен мониторинг на институциите спроведен од страна на Центарот за граѓански комуникации, Гевгелија е рангирана на 20. место на национално ниво, со висока исполнетост од 93,1% на законската обврска за проактивно објавување на информации од јавен карактер.
Овој извештај ги опфаќа институциите што се директни носители на извршната власт на централно ниво (Влада и министерства) и на локално ниво (општини и Град Скопје), при што се оценува колку тие навремено и целосно објавуваат документи, податоци и информации што се од интерес за јавноста.
Особено значајно е тоа што Гевгелија е првопласирана меѓу Општините во Југоисточниот Регион, што уште еднаш ја истакнува како пример за добра пракса и посветеност на принципите на отчетно и ефикасно управување.
Со ваквото рангирање, Општина Гевгелија повторно го потврдува статусот на транспарентна и одговорна локална самоуправа, која гради доверба со граѓаните преку достапност на информациите и отвореност на институциите.


