На 28 септември 2025 година, во Гевгелија, се одржа четвртото издание на Меморијалниот еднодневен турнир во забрзан шах „Венци Попов 2025“. Настанот, кој традиционално се одржува во чест на истакнатиот гевгелиски и македонски шахист Венци Попов, и оваа година собра голем број учесници и љубители на шахот. Вкупно 153 шахисти од: Македонија, Србија, Германија, Албанија, Грција, Бугарија и Косово се натпреваруваа во девет кола по швајцарски систем, со темпо од 10 минути по играч, што придонесе за возбудлива и динамична игра. Спортскиот на Организатори на Tурнирот беа семејството Попови и Шаховскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија, а натпреварите се одиграа во Угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија. Атмосферата во салата беше исполнета со позитивна енергија, спортски дух и фер-плеј, а љубителите на шахот имаа можност да проследат квалитетни партии и интересни дуели.
Првото место и наградата од 25.000 денари ја освои интернационалниот мајстор од Косово, Ндерим Сарачи. Второпласиран беше македонскиот интернационален мајстор Филип Панчевски, кој доби награда од 20.000 денари, додека третото место му припадна на неговиот колега Никола Николовски, со награда од 17.000 денари.
Дополнително, беа доделени и специјални признанија, па за најдобро пласиран гевгелиски шахист беше прогласен Борче Танчев. Најдобар млад играч до 18 години беше Неделковски Андреј, титулата најдобар ветеран над 65 години ја понесе Стошевски Илија, а најдобра шахистка на турнирот беше Сиску Евангелија од Грција.
Присутен на свеченото отворање на Турнирот беше и градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој во своето обраќање нагласи:
– Настанот расте од година во година и по масовност, и по квалитет и на организациски план. Оваа година има над 150 учесници шахисти од цела Македонија, но и од Германија, Грција, Албанија, Косово и Бугарија. Од општина Гевгелија учествуваат над 35 шахисти, што покажува дека љубовта кон шахот е жива и ја оправдува заложбата за формирање на шаховски клуб во нашиот град. Во 2022 година се роди идејата за формирање на Шаховскиот клуб „7 Ноември“, кој денес, на мое и на задоволство на сите граѓани, остварува значителни успеси. Упатувам честитки до членовите на Шаховскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија за нивниот ентузијазам, успешната организација на Турнирот и топлото гостопримство.
Меморијалниот турнир „Венци Попов“ со својата традиција и континуитет прераснува во еден од најзначајните шаховски настани во регионот. Тој не само што го чува споменот на големиот мајстор на шахот туку претставува и поттик за развој на нови генерации шахисти, афирмирајќи ја Гевгелија како вистински центар на шаховската култура и спортска дружба.






































