Општина Гевгелија го заврши асфалтирањето на главната улица „Александар Македонски“ во населеното место Давидово, како дел од планираните активности за 2025 година. Градоначалникот Андон Сарамандов, по завршувањето на изведбените работи, ја посети улицата, чија должина од 500 метри е покриена со нова асфалтна подлога. Новото асфалтирање го олеснува пристапот до централните делови на населбата, придонесувајќи за подобра поврзаност и безбедност на сообраќајот.
– Во Давидово е реализирано уште едно од поважните барања на жителите од ова населено место. Преку планираните програмски активности ја асфалтиравме влезната улица „Александар Македонски“ во должина од 500 метри. Улица која претставува важна артерија за секојдневниот живот на мештаните. Давидово добива модерна патна инфраструктура за лесно и безбедно движење. Секогаш сме блиску до граѓаните и ги решаваме проблемите што директно го олеснуваат нивниот живот- истакна градоначалникот Сарамандов, во својата објава на Фејсбук-страницата во врска со информацијата за асфалтирањето на улицата „Александар Македонски“ во Давидово.


































