Два дена (27-28 септември 2025 г.), Гевгелија се претвори во вистинска арена на уличната култура и танц, кога ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија ја пречека музиката, ритамот и енергијата на Street Dance Фестивалот. Настанот, организиран од Танцовото студио „Мистик“ како дел од програмата „Гевгелија град на култура за 2025 године“, привлече млади танчери од Гевгелија и Скопје, љубители на урбаните стилови и сите кои сакаат да се нурнат во светот на креативното изразување.
Фестивалот започна со хип-хоп семинар под водство на Ања Јолакоска, која со својата енергија и стручност го инспирираше секој учесник. Младите над 12 години ја почувствуваа магијата на ритамот, учејќи техники и стилови кои го носат духот на урбаната сцена. Просторијата оживеа со секое движење, а насмевките и аплаузите создадоа атмосфера на вистинска танцова заедница.
По семинарот следуваше панел-дискусија „Youth Voices in Motion: Culture, Education, Sports – Gevgelija meet-up“. Младите дискутираа за предизвиците и можностите во културата, образованието и спортот, разменувајќи идеи и инспирација за локалната заедница. Модераторите Катерина Јолакоска, Александар Аврамов и Ања Јолакоска ги поттикнаа учесниците да ги споделат своите гласови и визии преку развивање на својата креативност, да учат техники од урбаната танцова сцена и да ја почувствуваат моќта на колективниот дух преку танцот.
Во саботата, панел-дискусијата „Youth Voices in Motion: Culture, Education, Sports – Gevgelija meet-up“ ја истакна улогата на младите како активни носители на културни промени. Дискусијата покажа дека културата не е само забавен елемент- таа е двигател на образование, спорт и граѓанско учество, а Гевгелија е пример како локалните заедници можат да го охрабрат младото поколение.
Вториот ден, Фестивалот продолжи со уште еден хип-хоп семинар, кој го привлече новиот бран на млади танчери. Вечерта кулминираше со DJ сет на DJ TightBeats, кој го претвори холот на Пионерскиот дом во вистинска сцена на музичка експлозија и енергични танцови движења. Младите танчери и возрасната публика се споија во еден ритам, каде што секој чекор и секој скок создаваше чувство на слобода и заедништво.
Street Dance Фестивалот, како дел од „Гевгелија град на култура за 2025 година“, не само што ја афирмираше уличната култура туку и го потенцира значењето на локалните уметнички иницијативи во промоција на младинско учество и креативност. Ваквите настани ја градат културната сцена, ја поттикнуваат интеракцијата помеѓу различни генерации и ги прават младите видливи и активни во општеството.
Настанот се реализираше со поддршка од Општина Гевгелија, а партнери на Фестивалот беа JuMi и Boulevard Apartments.
































