Во вечер исполнета со возбуда и фантазија, Пионерскиот дом- Гевгелија беше место каде класичната приказна „Волшебникот од Оз“ оживеа преку камишибаи театар. Настанот се одржа на 30 септември 2025 година, во рамки на септемвриската програма на манифестацијата „Гевгелија град на културата 2025“.
Децата од Драмската секција при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, под водство на менторката Катица Џишева Дупарова, создадоа перформанс кој го комбинира визуелното раскажување, сценската игра и интеракцијата со публиката. Камишибаи, традиционална јапонска техника на нарација со илустрации, им овозможи на најмладите, но и на возрасните, да се вовлечат во авантурата на Доротеа и нејзините пријатели, да ги почувствуваат нивните емоции и да ги следат пораките за храброст, пријателство и соработка.
Младите актери со својата енергија и ентузијазам ги пленеа гледачите, а секоја илустрација оживуваше на сцената, додека раскажувањето ги поврзуваше приказната и фантазијата, создавајќи уникатно доживување кое ја поттикнува имагинацијата и љубопитноста кај најмладите. Преку овој вид театар на членовите на Драмската секција за деца им се овозможува простор каде можат да учат, да се забавуваат и да го развиваат својот креативен потенцијал, да ја почувствуваат магијата на театарот, да се мотивираат да создаваат и да истражуваат.
Со овој настан се заокружи септемвриската програмска содржина на Пионерскиот дом, која ја афирмираше културата како алатка за образование, креативност и младинско учество. „Волшебникот од Оз“ ги потврди вредностите на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“- културно збогатување, поттикнување на младинскиот талент и создавање на простори каде уметноста и учеството се достапни за сите генерации.










