Во периодот од 6 до 10 октомври 2025 година, во општина Гевгелија се одбележува Детската недела. Преку низа културни, едукативни и креативни активности, посветени на најмладите, ќе се промовира значењето на детството, детските права и радоста на учењето, создавањето и дружењето.
Активностите се реализираат во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, НУ Музеј- Гевгелија и ЈОУДГ „Детска радост“.
Програмата започна денес, во ЈОУ Пионерски дом, со Ликовната работилница „Боите на среќата“.
На 7 октомври (вторник), во Народниот театар, од 11:00 часот ќе се одржи концерт на училишните хорови при ООУ „Владо Кантарџиев“ и ООУ „Крсте Мисирков“, како и настап на Детскиот градски хор „Божилак“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.
Во среда, 8 октомври, во Народниот театар, во 11:00 и 13:00 часот, ќе биде изведена театарската претстава „Витезот Моливко и уште нешто повеќе“, подготвена од Драмската секција за деца при Пионерски дом.
На 9 октомври (четврток), во 10:00 часот, во Народниот театар ќе се одигра претставата „Пипи Долгиот чорап“ во изведба на Весел театар- Прилеп, во организација на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија, а во 12:00 часот, во ООУ „Владо Кантарџиев“, ќе се одржи промоција на книгата „Волшепства од детски чувства“ од Јадранка Клисарова, во организација на Градската библиотека.
Одбележувањето ќе заврши во петок, 10 октомври, со музички хепенинг на Градскиот плоштад „Јас сум дете ги знам моите права“, во организација на ЈОУДГ „Детска радост“, а од 11:00 часот, во Уметничката галерија „Амам“, ќе се одржи креативна Едукативна работилница за млади по повод 25 години музејска дејност, под мотото „Гевгелија град на сите“.
Со овие активности, Општина Гевгелија и јавните установи ја потврдуваат својата посветеност кон унапредување на правата, развојот и среќата на секое дете, како и промоција на културните вредности на заедницата во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“.






