Во рамките на програмата за „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 20 октомври (понеделник), со почеток во 19:00 часот, во Уметничката галерија „Амам“ ќе биде отворена самостојна Изложба на реномираниот ликовен уметник Кирил Гегоски, насловена „Апотеоза на пределот“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија во соработка со НУ Национална галерија на Македонија и НУ Музеј- Гевгелија.
Изложбата претставува избор од најновиот сликарски опус на Гегоски, кој со децении гради препознатлив уметнички ракопис. Неговото творештво, од најраните дела до денес, се карактеризира со минимализам, редуцирана симболика и суптилна експресивност. Авторот, преку колористички истражувања и ликовни стилизации, создава апстрактно-асоцијативни композиции кои го претвораат пејзажот во духовно и метафизичко доживување на просторот.
Кураторот на Проектот, Горанчо Ѓорѓиевски од Националната галерија, за оваа изложба истакнува:
– Пределите на Кирил Гегоски, ослободени од своите физички граници и изведени до апстракција, говорат за состојба во која реалноста се преобликува во нова онтолошка метареалност.
Кирил Гегоски е роден во Прилеп во 1944 година. Завршил Училиште за применета уметност во Скопје (1964) и е долгогодишен член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) и Друштвото на ликовни уметници на Битола (ДЛУБ). Учествувал во бројни групни изложби во земјата и во странство, а зад себе има повеќе од четириесет самостојни изложби во: Македонија, Србија, Словенија, Франција, Велика Британија, САД и Бугарија. Во 1979 година престојувал во Париз како стипендист на сојузната програма „Моша Пијаде“, а неговите студиски патувања опфаќаат земји како Италија, Грција, Франција, Полска и СССР.
Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои: „Никола Мартиноски“, „Моша Пијаде“, „Вангел Коџоман“, како и неколку откупни награди на ДЛУМ и меѓународни изложби. Делата на Гегоски се наоѓаат во бројни јавни и приватни колекции во Македонија и во странство.


