Под светлината на сцената, во магијата на движењето и музиката, Гевгелија, на 11 ноември 2025 година, го почувствува пулсот на уметноста во својата најчиста форма. Балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“ од Скопје во Народниот театар- Гевгелија приреди гала-концерт под наслов „Моќта на танцовата уметност“, носејќи на сцената експлозија од грациозност, младешки жар и беспрекорна техника. Публиката со восхит ги следеше учениците кои преку секое движење ја раскажуваа својата приказна за страста, посветеноста и љубовта кон танцот. Од нежноста на класичниот балет до експресијата на современите сцени, вечерта беше вистинско патување низ светот на уметноста што допира до душата.
Концертот го отвори варијацијата „Венецијански карневал“ со музика од М. И. Пуни, во изведба на Мила Николова заедно со 4 кавалери: Марко Здравковски, Матеј Насковски, Илин Силјановски и Максим Кисилев. Следна изведена поставка беше од „Лебедово езеро“- варијација од Pas de trois на П. И. Чајковски со маестралниот Виктор Христовски. Потоа, сцената ја освоија учениците: Јана Талеска, Елса Ајрулаи, Томрис Шабан и Симона Савевска со изведба на фрагменти од претставата „Бајадерка“ 2. чин (Варијација мали бајадерки). Во „Ману и двете девојчиња“ се претставија Веда Анѓушева, Гала Кочевска и Нина Јакимовска, додека варијацијата „Златен бог“ во изведба на Дион Капрузи и варијацијата на Гамзати во изведба на Антонија Атанасова ги разбудија аплаузите во салата. Во групната кореографија „Мали бајадерки“ настапија: Симона Савевска, Томрис Шабан, Матеа Канузова, Јана Талеска, Лана Иванова, Елса Ајрулаи и Софија Крстева, Вечерта кулминираше со „Кралството на сенките“, 3. чин од претставата „Бајадерка“, делото што ја обедини нежноста, силата и прецизноста на младите Виола Имери, Ина Стојановска и Теа Серафимов.
Современиот дел на вечерта, инспириран од драмата „Диво месо“ на Горан Стефановски, ја пренесе емоцијата на новото време преку моќните кореографии. Танчерите од насоката за Современ танц- Дора Пајдакова, Мила Ангелова, Аника Андоновска, Лука Ѓоргиевски, Давор Милев, Моника Ѓоргиева, Јана Ѓоршовска, Ивана Ралев, Евгенија Симоновска, Небеска Шумковска, Кристина Коцевска, Мила Атанасова, Милена Тримчевска, Теона Димитриевска, Кристина Петрова и Ана Митревска- донесоа свежа енергија и сценска експресивност која ја допре секоја душа во публиката. Музичката подлога со дела од Бетовен, современи автори и филмска музика, во комбинација со режијата и актерската игра под менторство на Борче Начев, создаде хармонична целина што го нагласи изразот на танцот.
Под менторство на професорките Дафина Данилоска- Кочевска, Маја Митровска-Богоевска, Слаѓана Спасеноска, Александра Кочовска-Наќева и Елена Антонова Петровиќ, младите уметници докажаа дека талентот, трудот и страста се најсилната формула за создавање вистинска магија. „Моќта на танцовата уметност“ не беше само концерт- беше празник на младоста, уметноста и сонот. Вечер што уште долго ќе се памети како доказ дека танцот не зборува со зборови, туку со срцето. Настанот беше реализиран во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, во рамки на проектот „Гевгелија град на културата за 2025 година“.






































































