Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 20 ноември (четврток), со почеток во 19:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија ќе се одржи промоција на Каталогот „5 години архив од збирка со етнолошки предмети“, издание на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.
Настанот претставува значаен културен момент за локалната заедница, бидејќи низ каталогот за првпат на едно место е опфатена петгодишната работа на Етнокореолошкиот оддел при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија во собирањето, документирањето и зачувувањето на етнолошки предмети кои го отсликуваат секојдневието, традицијата и духовноста на регионот.
Каталогот содржи фотографии и описни материјали за бројни предмети- текстил, алатки, накит, украси, обредни елементи и други артефакти што сведочат за богатата културна историја на гевгелискиот крај. Преку визуелната и истражувачка поставеност, изданието нуди стручен, но и пристапен увид во значењето на материјалното културно наследство и во улогата на етнолошките збирки како чувари на локалниот идентитет.
Присутните ќе имаат можност да се запознаат одблиску со дел од предметите, нивната историска позадина, како и со значењето на едукацијата и културното наследство во современи услови.
Настанот е отворен за јавноста, а љубителите на етнологијата, културното наследство и традицијата се покануваат да присуствуваат и да ја проследат оваа значајна презентација.




