На 7 декември 2025 година (недела), со почеток во 09:00 часот, на локацијата „Милош Брдо“ во село Негорци, ќе се одржи втората масовна акција за пошумување под наслов „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“. Во рамки на акцијата ќе се засадат повеќе од 10.000 садници чемпрес, а сите граѓани, институции и граѓански организации се повикуваат да се приклучат и заеднички да дадат придонес во обновувањето на дрвниот фонд на општината.
Акцијата е организирана од страна на Општина Гевгелија, ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, ЈП „Македонски шуми“- ПШС „Кожув“- Гевгелија и Општинската организација на Црвен крст- Гевгелија. Мотото на оваа иницијатива е „Да го вратиме зеленилото во Гевгелија“.
– Како резултат на големиот број пожари и сушните години, секоја година е задолжително да се обновува дрвниот фонд на нашата општина. Оваа акција е начин да ги вратиме корените и зеленилото на Гевгелија, а учеството на граѓаните е од исклучително значење- изјави градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во пресот за најавување на акцијата.
На негово задоволство, првата акција за пошумување што се одржа минатата година на локацијата „Топлик“ во Гевгелија, беше успешна. Во рамки на акцијата беше обновена околу 80 проценти од површината, со засадување на над 5.000 садници бор, багрем и чемпрес, со што значително се надополни зеленилото на теренот.


