Во духот на Денот на шегата, на Градскиот плоштад во Гевгелија се одржа традиционалната манифестација „Априлијада 2026“, која обедини 62 маскирани групи од основните училишта и детските градинки. Настанот, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, помина во весела атмосфера, исполнета со креативност, смеа и богато шаренило.
Меѓу бројната публика која го проследи дефилето и претставувањето на групните маски, и со аплаузи и насмевки ја поддржа креативноста на најмладите и нивните наставници, присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Тој ја поздрави манифестацијата, истакнувајќи ја важноста од негување на детската имагинација и ваквите традиционални настани.
– Со својата креативност, шаренило и насмевки, тие создадоа вистинска празнична атмосфера исполнета со радост и позитивна енергија. Настанот беше уште една потврда дека детската имагинација и искрената радост се најубавиот начин за одбележување на ваков ден. Горд сум што имав можност да бидам дел од оваа убава традиција и да ја споделам радоста со најмладите- рече Сарамандов.
Од хумористични и весели ликови до креативни тематски приказни, секоја група донесе свој уникатен печат, при што стручна жири-комисија ги оценуваше маските според нивната креативност, оригиналност, изработка и целокупна изведба. По разгледувањето на сите маски, стручната комисија ги издвои најуспешните. За најкреативни беа прогласени „Спиди Гонзалез“, „Слатка приказна“ и „Старо железо“, кои се истакнаа со оригиналност, тимска изведба и силна визуелна порака.
Прво место во Детска градинка „Детска радост“ освои маската „Спиди Гонзалес“, под раководство на Марија Чалкова. Второто место ѝ припадна на маската „Распеани Гевгеличани“ од Приватна детска градинка „Ѕуница“, со раководител Рената Динова, додека третото место го зазеде групната маска „Шеќерна авантура“ од Детска градинка „Детска радост“, под раководство на Маја Џишева.
Прво место во ООУ „Владо Кантарџиев“ освои „Слатка приказна“ (наставник Лидија Лазова). Второто место му припадна на „Печурки“ (наставник Душица Аврамова), додека третото место беше за „Сладолед“ и „Диско ѕвезди“ (наставници Валентина Петрова и Виолета Петковска).
Прво место во ООУ „Крсте Мисирков“ освои „Старо железо“ (наставник Магдалена Накова), второто место го зазеде „Алоха“ (наставник Билјана Бутрова), а третото место ѝ припадна на „Македонска свадба“ (наставник Марга Прошева).
Сите учесници на „Априлијада 2026“ добија благодарници за учество, додека на наградените маски им беа врачени дипломи за прво, второ и трето место. Групите кои освоија прво место добија пехари, како и ваучери за нивната креативност и труд, кои ги додели директорот на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, Александар Аврамов.
Со силна енергија, позитивен дух и масовно учество, „Априлијада 2026“ уште еднаш потврди дека е повеќе од настан- таа е традиција што обединува, инспирира и остава трага во колективната меморија на градот.

































































