23 мај 2026 година ќе биде ден во знакот на младите, креативноста и иновациите преку одржувањето на настанот „Младински бран Vol.2“, во организација на Локалниот младински совет на Општина Гевгелија. Локацијата на одржување е платото и просторот пред Народниот театар во Гевгелија, каде во текот на денот ќе се реализираат повеќе активности од едукативен, културен и забавен карактер, наменети за младите.
Настанот ќе започне во 11:00 часот со „Саем на млади успешни луѓе“, кој ќе трае до 18:00 часот, а младите ќе имаат можност да се запознаат со инспиративни приказни, успешни иницијативи и различни можности за личен и професионален развој.
Во периодот од 12:00 до 17:00 часот ќе се реализира музички перформанс, додека од 13:00 до 17:00 часот посетителите ќе можат да проследат и ликовен уметнички перформанс.
Едукативниот дел од програмата започнува во 13:30 часот со предавањето „Меки вештини за млади“, кое ќе трае до 15:00 часот. Потоа, од 15:00 до 16:30 часот ќе се одржи предавањето „Бизнис и претприемништво – од идеја до реализација“, а од 16:30 до 18:00 часот е предвидено предавањето „Старт-ап и иновации“.
Организаторите посочуваат дека целта на „Младински бран Vol.2“ е да се создаде простор за вмрежување, размена на идеи и поттикнување на младинскиот активизам и креативност во локалната заедница.
Настанот е поддржан од Европската Унија, преку Проектот „ЕУ за тебе“ за којшто Локалниот младински совет на Општина Гевгелија аплицираше на Јавен повик, како и од Општина Гевгелија, со цел унапредување на младинското учество преку културни содржини и создавање нови можности за младите во локалната заедница.
По тој повод, Општина Гевгелија и Локалниот младински совет ги покануваат младите на возраст од 15 до 29 години да присуствуваат и активно да се вклучат во содржините на настанот, кој ќе понуди простор за учење, креативно изразување, размена на искуства и стекнување нови контакти.




