Со богата програма што обединува концерти, театарски претстави, филмски проекции, изложби и други културни содржини, од денеска (6 јули 2026 година) официјално започнува традиционалната манифестација „Гевгелиско културно лето“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, во соработка со институции и соработници од областа на културата.
Во текот на јули и август, на повеќе локации низ градот ќе се реализираат разновидни културни настани, кои ќе понудат богата програма за љубителите на уметноста и културата. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во музички настапи, театарски претстави, филмски проекции, изложби и други културни содржини, со што и ова лето Гевгелија ќе биде препознатлив простор за културни случувања и уметничко творештво.
Годинешното издание започнува денеска, 6 јули, со Етнолошка изложба „Катче на XX век“, која ќе се одржи во Старата чаршија, со почеток во 21:00 часот.
Во рамките на програмата, на 7 јули, во ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“, ќе биде отворена Изложбата на керамика на учесниците од Школата за керамика, со почеток во 20:00 часот. Веќе следниот ден, 8 јули, на платото пред Народниот театар- Гевгелија, ќе биде изведена монодрамата „Сите најубави нешта“ со актерот Игор Ангелов, со почеток во 21:00 часот.
Од 9 до 13 јули, во Народниот театар ќе се одржи Филмскиот фестивал „Преку езерото“, кој ќе понуди богата филмска програма. Проекцијата на филмовите започнува од 11:00 часот. На 14 јули, најмладите ќе имаат можност да ја проследат детската претстава „Приказните на Далматинко“, која ќе се изведе на платото пред Народниот театар, со почеток во 20:30 часот.
Музичката програма продолжува на 16 јули со Концертот на триото „Џентлмен“, кој ќе се одржи на истата локација од 20:30 часот, додека на 20 јули љубителите на филмската уметност ќе можат да ја проследат проекција на филм, на „Динќут“, со почеток во 21:00 часот.
Летната културна програма ќе продолжи и во август, со што на 5. ден од месецот, повторно во Старата чаршија ќе се одржи Етнолошката изложба „Катче на XX век“, со почеток во 21:00 часот.
Со внимателно осмислената програма, „Гевгелиско културно лето“ и оваа година ќе понуди квалитетни културни содржини, потврдувајќи ја Гевгелија како град што ја негува културата, уметноста и традицијата, создавајќи можности за средби меѓу уметниците, граѓаните и посетителите во текот на летната сезона.




