Улицата „Караорман“ во Гевгелија, која се наоѓа во опсегот на Урбан блок 4.4, доби комплетно нов лик по успешното завршување на градежните активности за нејзина реконструкција и поставување на нов асфалтен слој. Оваа сообраќајница беше дел од капиталниот Проект за изградба на нова подземна инфраструктура, чија реализација има за цел долгорочно подобрување на комуналните услуги во овој дел од градот.
Пред да се пристапи кон финалното асфалтирање на коловозот, беа изведени подземни зафати кои опфатија изградба на целосно нова фекална и атмосферска канализација, како и изградба на нова водоводна мрежа на дел од улицата. Увид во успешно завршените работи на терен изврши градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Според него, овој зафат претставува трајно инфраструктурно решение, со коешто се подобруваат условите за секојдневниот живот на граѓаните и е еден од проектите со коишто се продолжува Општина Гевгелија да биде современа, функционална и уредена.












