Во населбата „Караорман“ во Гевгелија започнаа градежните активности за изградба на фекална канализација на улицата „Галилео Галилеј“, со што се поставува основата за целосно урбано уредување на оваа локација. Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши увид во почетокот на зафатот. Како што беше посочено, изградбата на фекалната канализација е само прва фаза од проектот, по чие завршување ќе се премине кон пробивање и целосна изградба на улицата.
Во врска со започнатите активности, градоначалникот Сарамандов истакна:
– „Галилео Галилеј“ во „Караорман“ е улица која согласно Деталниот урбанистички план, се наоѓа на највисокото ниво во населбата и претставува продолжение и поврзување со улицата „Павел Шатев“, која ја изградивме минатата година. Со реализацијата на овој проект се гради неопходната подземна инфраструктура, која ќе овозможи услови за понатамошен развој на овој дел од градот. По завршување на изградбата на фекалната канализација, започнуваме со пробивање и целосна изградба на улицата. Продолжуваме да инвестираме во подобри услови за живот на нашите сограѓани.















