Шаховскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија обезбеди пласман во Првата шаховска лига, откако го освои првото место на Екипното првенство во Втората лига- мажи, одржано во Струмица. Со овој резултат, гевгелискиот клуб за првпат ќе биде дел од највисокиот ранг на екипното шаховско натпреварување во земјата.
По повод постигнатиот успех, градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари прием со претставницитe на ШК „Ноември“, при што им честиташе за постигнатите резултати и за успешното претставување на Гевгелија.
На средбата беше разговарано и за активностите на Клубот во изминатиот период, во кој неговите членови настапуваа на повеќе домашни и меѓународни рапид и стандард турнири, постигнувајќи добри резултати и освојувајќи нови рејтинг-поени.
Особено внимание беше посветено на резултатите на младите шахисти, кои со своите настапи се наметнуваат како значаен потенцијал за иднината на Клубот. Имено, Коста Попристовски во категоријата У14 освои повеќе турнири, со пласмани на првото место, додека Кристијан Кавазов во категоријата У16 ја освои титулата младински првак и со своите резултати обезбеди учество на Светското првенство во Италија, каде продолжи со освојување нови рејтинг-поени.
– Честитки до сите шахисти, тренери и членови на Клубот за постигнатите резултати и успешното претставување на Гевгелија. Ваквите успеси покрај Клубот, го афирмираат и нашиот град. Ме радува тоа што посебно се издвојуваат успесите на младите шахисти. Нашата постојана заложба е создавање услови и вложување во развојот на младите и спортот- истакна градоначалникот Сарамандов.
Пласманот во Првата лига е значаен резултат за ШК „7 Ноември“, но и потврда на континуираната работа на клубот со шахистите од различни возрасни категории. Воедно, резултатите на младите членови покажуваат дека покрај сениорскиот состав, Клубот посветено работи и на создавање нови генерации шахисти кои во иднина ќе го претставуваат гевгелискиот шах на домашните и меѓународните натпревари.



